Фудбалската репрезентација на Аргентина, која завчера ја освои титулата на Светското првенство во Катар се очекуваше околу 7 часот по средноевропско време да пристигне во Буенос Аирес.
Синоќа експедицијата тргна од Доха, а планирано беше да застане само во Рим поради долевање гориво. Во моментот на пристигнувањето, во Аргентина е 3 часот по полноќ, но таму е лето, па тоа не ги спречува навивачите да ги пречекаат своите херои.
Локалните медиуми истакнуваат дека на фудбалерите им се подготвува спектакуларен пречек и повеќе стотини фанови на улиците. Поради тоа е прогласен и државен празник и се очекува вистински спектакл во земјата на новиот светски првак.
Централната прослава треба да биде организирана пред претседателската палата Каса Росада, а на балконот треба да се појават Лионел Меси и неговите соиграчи. На ова место беше одржана и прославата во 1986 година кога, предводена од Диего Марадона, Аргентина ја освои втората титула на мундијалите.