Фудбалската репрезентација на Белгија е во незгодна позиција пред третото коло од Мундијалот во Катар, а во медиумите се појавија шпекулации дека во соблекувалната се случил распад-систем и „црвените ѓаволи“ биле на раб да се испотепаат, по што се јави капитенот Еден Азар и објасни што се случило.
Азар потврди дека по поразот од Мароко имало жестоки препукувања и навреди во соблекувалната на Белгија, но ѕвездата на Реал Мадрид тврди дека немало тепачка, како што се шпекулираше во дел од медиумите.
„Имавме добар разговор. Си кажавме сè што имавме. Немаше никаква тепачка во соблекувалната. Зборувавме речиси еден час за добри работи, но и за лоши работи. Знам дека сакаме победа против Хрватска. Имаме време да се подготвиме и мора да победиме“, вели Азар.
Хрватска и Мароко имаат по четири бода по две одиграни кола, додека Белгија е трета со три бода, додека Канада нема повеќе шанси за нокаут-фаза бидејќи нема освоено ниту еден бод.