На стартот на месец јуни, Манчестер Јунајтед беше во пол-позиција за ангажман на Ким Мин-Јае од Наполи и добар дел од англиските медиуми пренесуваа дека ќе слета на „Олд Трафорд“ по крајот на задолжителниот воен рок кој го отслужува, но наместо на театарот на соништата, Кореецот сега ќе биде претставен на „Алијанц арена“.
Ова утро сите водечки новинари и медиуми од Германија пренесуваат дека Баерн дефинитивно постигнал договор со фудбалерот и решил да ја исплати откупната клаузула, според која 50 милиони евра ќе заминат во касата на Наполи.
Иако Јунајтед имал последна намера да ја подобри понудата на Баерн, „ѓаволите“ задоцниле во дадениот случај бидејќи стоперот веќе договорил се со Баерн, а медиумите од Германија веќе откриваат и кога ќе биде промовиран на Забенер Штрасе.
Ким го служи воениот рок до 3-ти јули, по што се очекува со авион да пристигне во Минхен и на почетокот на следниот месец да биде претставен како ново големо засилување за новата натпреварувачка сезона.
Томас Тухел веќе ги доби Рафаел Гереиро и Конрад Лајмер, но многу брзо ќе смета и на Ким кој беше најдобар стопер во Серија А во сезоната која заврши.
Кореецот ќе пристигне во Баерн како директна замена за Лукас Ернандес, кој е на пат кон ПСЖ и за кого баварците исто така очекуваат да инкасираат 50 милиони евра.