вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Бензема најдобар фудбалер во Европа, Анчелоти најдобар тренер

Бензема најдобар фудбалер во Европа, Анчелоти најдобар тренер

Шефот на стручниот штаб на мадридски Реал, Карло Анчелоти, вечерва на пригодна свеченост во Истанбул е прогласен за најдобар тренер за минатата сезона во Европа, во која италијанскиот стратег ја освои Лигата на шампиони, како и шпанското првенство.

-Благодарност до УЕФА за наградата. Благодарност до Ариго Саки, тој е мојот учител и благодарение на него ја почнав својата тренерска кариера. Благодарност до претседателот (на Реал), кој ми даде можност да се вратам во Мадрид. Минатата сезона беше одлична сезона, постигнавме исклучителна хемија и вистинска поврзаност, рече Анчелоти при доделувањето на наградата.

Во женска конкуренција наградата и припадна на англиската селекторка Сарина Вигман.

За најдобар фудбалер минатата сезона во Европа е прогласен напаѓачот на Реал и француски репрезентативец Карим Бензема, кој на 46 натпревари во дресот на Кралскиот клуб постигна фантастични 44 голови.

За најдобра европска фудбалерка во сезоната 2021/22 е избрана шпанската репрезентативка од редовите на Барселона, Алексија Путелјас.  (МИА)