Белгискиот репрезентативец Кевин Де Брујне порача оти нема ништо против Светското првенство во фудбал да се одржува на секои две години.
– На почетокот на оваа сезона имав состанок со луѓето од ФИФА и Арсен Венгер (шефот на програмата за глобален развој на ФИФА), на кој ни објаснија што сакаат да постигнат со таа идеја. Не мислам дека таа идеја е самата по себе лоша. Но, секако дека е потребна координација на сите фудбалски федерации, УЕФА и ФИФА, изјави Де Брујне за белгиските медиуми.
Играчот за врска на Манчестер сити додаде дека „инсистирал на тоа играчите на крајот од сезоната и натаму да имаат ист период за одмор како и досега“.
ФИФА за 20 декември закажа состанок на кој ќе се разговара за идејата за двегодишно Светско првенство во иднина.