Мемфис Депај и Мауран Фелаини би можеле да го засилат Милан, а според италијанските медиуми овие фудбалери се подготвени да дојдат во тимот кој го води Џенаро Гатузо, дури и доколку италијанскиот клуб биде исфрлен од УЕФА натпреварувањата поради непочитување на финансискиот фер плеј.
За поранешните соиграчи од Манчестер јунајтед сега е заинтересиран клубот од Милано, иако УЕФА најави дека ќе му забрани да учествува на европските натпревари поради проблематичното деловно работење и кршењето на финaнсиските правила.
Милан подолго време го следи Мемфис Депај поради неговите одлични настапи за Олимпик од Лион оваа сезона. Тој постигна 19 голови за неговиот тим во француската Лига 1. Меѓутоа, проблем за трансферот на Депај прави скапото обештетување, што францускиот клуб му го плати на Јунајтед.
Од друга страна, Фелани го изгуби местото на стандарден играч во Манчестер јунајтед и во Милан може да премине како слободен играч бидејќи му истекува договорот со англискиот клуб.
МИА