среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Џан: Мојата прва цел е да ја освојам Серија А, а потоа и ЛШ

Џан: Мојата прва цел е да ја освојам Серија А, а потоа и ЛШ

Новото засилување на Јувентус, Емре Џан го смета својот трансфер во италијанскиот шампион за судбински.

Германскиот репрезентативец изјави дека неговиот агент „многу години“ одржувал контактите со „бјанконерите“.

Денеска, 24-годишниот играч конечно беше официјално претставен како фудбалер на Јувентус. Тој пристигна на слободен трансфер од Ливерпул откако неговиот договор со Англичаните истече на 30-ти јуни.

На првата прес-конференција, Џан посочи дека ги отфрлил барањата од Баерн Минхен и Реал Мадрид, за да се приклучи токму на „Старата дама“.

– Ова е мојот прв ден, сè е во ред и јас сум среќен што сум овде. Зборував со Сами (Кедера), тој ми кажа дека клубот е одличен, па јас сум многу задоволен. Мојот прв тренер, кога почнав да играм фудбал, беше Италијанец и ние се уште одржуваме контакт. Тој е голем обожавател на Јуве, а кога имав 7-8 години, ми кажа дека еден ден ќе играм за овој тим. Ова ме прави уште посреќен, изјави поранешниот играч на Ливерпул.

Тој ја прокоментира и нашироко дебатираната тема во последнава недела за пристигнувањето на Кристијано Роналдо на „Алијанц“ стадионот.

– Мислам дека нема играч, за кого нема да биде корисно, ако има шанса да игра со Кристијано Роналдо. Искрено, немам поим дали има некој контакт меѓу него и клубот. Јас сум фокусиран на моја страна, но јасно е дека ако дојде, тоа ќе биде голема работа, вели Џан.

За тоа зошто го избрал Јувентус и кои се неговите цели, полудефанзивецот вели: „Клубот е во контакт со мојот агент долги години. Знаев за колку сериозен тим се работи – нивниот менталитет, желбата да освојуваат титули. Дојдов тука за да освојувам трофеи. Мојата прва цел е да ја освојам Серија А, а потоа и Лигата на шампионите. Затоа дојдов тука. Сакам да помогнам и знам дека можеме да го направиме тоа заедно, бидејќи имаме одличен тим. Главниот фокус, сепак, останува Серија „А“.

Тој негираше дека имал проблеми со Јирген Клоп во Ливерпул и дека затоа си заминал од „Енфилд“.

– Прв пат слушам за ова. Имам многу добри односи со Клоп, тој ми посака среќа, изјави Германецот.

МИА