Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус денеска доби нов претседател, тоа е Џанлука Фереро.
Фудбалскиот клуб Јувентус денеска доби нов претседател во форма на Џанлука Фереро.
Откако вчера вечерта комплетната управа на Старата дама, на чело со сега веќе поранешниот претседател Андреа Ањели и спортскиот директор Павел Недвед, поднесе оставка, денеска почна да се формира нова на чело со Фереро.
Фереро на чело на Јувентус доаѓа од компанијата „Ексор“, каде што беше менаџер и која е под контрола на семејството Ањели, па така тие и понатаму ќе продолжат да управуваат со Старата дама.
Фереро е голем навивач на Јувентус и тоа го прави вистински наследник на Андреа Ањели.
Тој е ревизор, беше задолжен за целата документација во „Ексор“ и поради тоа медиумите сметаат дека Фереро е вистинскиот избор за нов претседател на Јувентус.
Имено, за Старата дама претстојат предизвикувачки времиња на финансиски план бидејќи сега веќе поранешната управа си замина поради фалсификување на финансиските извештаи со кои ги прикриле големите загуби на Јувентус за годините 2018, 2019 и 2020, додека за минатата година клубот пријави минус поголем од 200 милиони евра.
Вчера вечерта бил одржан состанок и со тренерот Масимилијано Алегри, за кого не би било изненадување да си замине од клубот, иако таквата опција е малку веројатна поради неговата голема плата.
Италијанските медиуми очекуваат во новата управа на клубот да се најдат легенди како Алесандро дел Пјеро и Џорџо Кјелини.