Капитенот на полската фудбалска репрезентација Роберт Левандовски на претстојното Светско првенство во Катар на раката ќе носи капитенска лента во националните бои на Украина, која му ја подари прославениот украински фудбалер и поранешен селектор Андриј Шевченко.
Левандовски и Шевченко остварија средба на Националниот стадион во Варшава каде поранешниот напаѓач на киевски Динамо, Милан и Челзи му ја предаде жолто – сината капитенска лента на голгетерот на Барселона.
-Ќе ги носам украинските бои на Светското првенство во Катар. Ќе ја носам лентата од Шевченко како потсетник дека украинскиот народ не е осамен и дека со нив сме во мислите, изјави Левандовски при средбата со Шевченко.