вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ГРУПА Ф: Последен танц за Модриќ и белгиските „ѓаволи“

ГРУПА Ф: Последен танц за Модриќ и белгиските „ѓаволи“

Светското првенство во Катар е 22. во историјата. Вкупно 32 репрезентации за последен пат (следното СП 2026 е со 48 селекции) ќе се борат за „божицата“ и тоа во невообичаен есенски термин. Се очекува овој Мундијал да биде еден од најинтересните досега затоа што фудбалерите ќе бидат во полна натпреварувачка форма и ќе може да го понудат најдоброто од себе. Натпреварите во азиската земја ќе се играат од 20 ноември до 18 декември во вкупно пет градови. Финалето е закажано на грандиозниот стадион во Лусаил (80.000 гледачи).

Групата Ф нуди мечеви на две европски селекции кои ќе доживеат тектонски промени по овој Мундијал – селекциите на Хрватска и Белгија – а нивни предизвикувачи се искусниот Мароко и Канада која се враќа на светската сцена за првпат по 1986 година.

Распоред во групата Ф

23 ноември
Мароко – Хрватска
Белгија – Канада

27 ноември
Белгија – Мароко
Хрватска – Канада

1 декември
Хрватска – Белгија
Канада – Мароко

Првите две најдобри репрезентации патуваат во осминафиналето. Ако два или повеќе тима имаат ист број на бодови прво се гледа гол-разликата (предност има оној кој дал повеќе голови). Ако и овие параметри се изедначени, следи следново: дуелите меѓу двата или повеќето тимови кои се во бодовниот круг, гол-разликата меѓу нив и повеќето дадени голови.

ХРВАТСКА

Балканската селекција на овој настан доаѓа како светски вицепрвак. На Мундијалот во Франција во 2018 година тимот на Златко Далиќ изненади, но во мечот за „божицата“ против Франција не успеа да ја комплетира бајката и да дојде до првото злато. Хрватите немаа добар настап на ЕП 2020 каде испаднаа во осминафиналето, па СП 2022 за нив ќе биде шанса за нов успех. Дополнително, партиите на „коцкестите“ на тежина ќе добиваат затоа што хрватскиот Моцарт, Лука Модриќ, го игра последното Светско првенство во кариерата. Надеж влеваат и добрите квалификации низ кои Хрватска доживеа само еден пораз, а потоа беше солидна со сите останати противници. Покрај Модриќ, адути ќе бидат и Иван Перишиќ, Мислав Оршиќ, Марко Ливаја, Матео Ковачиќ…

Играч со најмногу настапи: Лука Модриќ (154)

Играч со најмногу голови: Иван Перишиќ (32)

Најстар играч: Лука Модриќ (37 години)

Најмлад играч: Лука Сучиќ (20 години)

Најскап играч: Јошко Гвардиол (60.000.000 евра)

БЕЛГИЈА

„Ѓаволите“ долго време беа на врвот на светскиот фудбал, но пред Мундијалот во Катар, епитетот на најдобар го презеде Бразил. Тимот на Роберто Мартинез на овој настан влегува со надеж дека може да оствари нешто историско. Белгиската генерација уште од 2014 година го носи епитетот на супер-квалитетна, досега никогаш не блесна во полн сјај, ама сите велат дека Азискиот континент ќе биде местото кое е предвидено за такво нешто. Кевин Де Брујне од Манчестер Сити игра во страшна форма, Ромелу Лукаку се врати од повреда со голови за Интер, тука се и секогаш мотивираните Дриес Мертенс, Еден Азар, Јанис Караско… СП 2022 во Катар дефинитивно ќе биде последна шанса за оваа генерација во овој изглед да дојде до некој поголем фудбалски успех. На последниот планетарен собир, Белгијците завршија како трети, што е нивен најдобар резултат во историјата.

Играч со најмногу настапи: Јан Вертонген (141)

Играч со најмногу голови: Ромелу Лукаку (68)

Најстар играч: Јан Вертонген (35 години)

Најмлад играч: Зено Дебаст (19 години)

Најскап играч: Кевин де Брујне (80.000.000 евра)

КАНАДА

Канаѓаните се враќаат на Светските првенства по пауза од 38 години. И покрај отсуството на најголемата тамошна ѕвезда Алфонсо Дејвис – човек кој како мигрант пристигнал во земјата, но сега го ужива статусот на икона во земјата на „јаворовиот лист“ – тимот заврши како прв во квалификациите и сите доста емотивно го доживеаја тој момент, посебно Дејвис, кој плачеше од среќа додека го следеше дуелот. Тренерот на Канада, Џон Хердман, стана дел од историјата на фудбалот, затоа што е првиот кој водел и женски и машки тим на едно Светско првенство. Не смее да се заборави придонесот на Џонадан Давид од Лил, како и на познатото име од овие простори, Милан Борјан, кој е актуелен голман на Црвена Звезда.

Играч со најмногу настапи: Атиба Хутчинсон (97)

Играч со најмногу голови: Кајл Ларин (25)

Најстар играч: Атиба Хутчинсон (39 години)

Најмлад играч: Исмаел Коне (20 години)

Најскап играч: Алфонсо Дејвис (70.000.000 евра)

МАРОКО

Мароканците имаа доста проблеми пред СП 2022 во Катар. Останаа без селекторот Вахид Халилхоџиќ кој беше во кагва со Хаким Зијеч и не го повикуваше, а него го замени Валид Реграгуи, 47-годишен стратег без големо искуство на ваква сцена. И секако, Хаким Зијеч се врати по заминувањето на Ваха од селекторското место и ќе биде адут на Мароко на Мундијалот во Катар заедно со Ашраф Хакими од ПСЖ. За еден од најсилните тимови на африканскиот континент, настапот на СП 2022 ќе биде шести во историјата. Во досегашните настапи, Мароко само еднаш ја мина групата, тоа беше во 1986 година.

Играч со најмногу настапи: Ромен Саис (65)

Играч со најмногу голови: Хаким Зијеч (17)

Најстар играч: Мунир Мохамеди (33 години)

Најмлад играч: Билал Ел Канус (18 години)

Најскап играч: Ашраф Хакими (65.000.000 евра)