сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ГРУПА Г: Бразил е фаворит, а „орлите“ на Пикси горат за одмазда

ГРУПА Г: Бразил е фаворит, а „орлите“ на Пикси горат за одмазда

Светското првенство во Катар е 22. во историјата. Вкупно 32 репрезентации за последен пат (следното СП 2026 е со 48 селекции) ќе се борат за „божицата“ и тоа во невообичаен есенски термин. Се очекува овој Мундијал да биде еден од најинтересните досега затоа што фудбалерите ќе бидат во полна натпреварувачка форма и ќе може да го понудат најдоброто од себе. Натпреварите во азиската земја ќе се играат од 20 ноември до 18 декември во вкупно пет градови. Финалето е закажано на грандиозниот стадион во Лусаил (80.000 гледачи).

Групата Г на Светското првенство во Катар го има главниот фаворит за „божицата“ – супер-квалитетниот и петкратен светски првак Бразил, а жестока ќе биде битката за второто место за кое ќе се борат Србија, Швајцарија и Камерун. Сите очи ќе бидат вперени кон последното коло во кое одат на мегдан овие две репрезентации. Србите горат за одмазда, поради оној болен пораз од Швајцарците на последното СП во 2018 година со головите на Гранит Џака и Џердан Шаќири (1-2). Камерун ја има улогата на аутсајдер, но секако е дека ќе биде тврд орев за сите во оваа група, претпоследна по редоследот на Мундијалот во Катар.

Распоред во групата Г

24 ноември
Швајцарија – Камерун
Бразил – Србија

28 ноември
Камерун – Србија
Бразил – Швајцарија

2 декември
Србија – Швајцарија
Камерун – Бразил

Првите две најдобри репрезентации патуваат во осминафиналето. Ако два или повеќе тима имаат ист број на бодови прво се гледа гол-разликата (предност има оној кој дал повеќе голови). Ако и овие параметри се изедначени, следи следново: дуелите меѓу двата или повеќето тимови кои се во бодовниот круг, гол-разликата меѓу нив и повеќето дадени голови.

БРАЗИЛ

Две децении големиот Бразил чека на светската круна. Се чинеше дека „кариоките“ се најблизу до големиот успех на СП 2014 кое го играа на домашно тло, но сонот им беше распарчен со брутален пораз од Германија во кој примија седум гола. Оваа генерација има нова шанса за успех во Катар и да донесе титула по онаа на СП 2022, петта во историјата за оваа држава. И покрај поразот од големиот ривал Аргентина во финалето на Копа Америка, Бразилците веруваат дека поседуваат квалитет за светскиот трон. Во славните „селекао“ веруваат и букмејкерите, затоа што квотата за шампион на Бразил е најмала. А, како и да не е, кога тимот на селекторот Тите е составен од супер-ѕвезди како Нејмар, Габриел Жезус, Винициус, Касемиро… тука е и ветеранот Дани Алвеш, најтрофејниот играч на светско ниво на кого во богатата му фали овој трофеј.

Играч со најмногу настапи: Дани Алвеш (124)

Играч со најмногу голови: Нејмар (75)

Најстар играч: Дани Алвеш (39 години)

Најмлад играч: Габриел Мартинели (21 година)

Најскап играч: Винициус Жуниор (120.000.000 евра)

СРБИЈА

„Орлите“ од соседството со висок оптимизам пристигнаа во Катар. Предводена од селекторот Драган Стојковиќ – Пикси, Србија верува во чуда. Како на пример, она чудо кое се случи во Португалија и кое во групата ѝ го донесе првото место на балканската селекција за директна виза во Катар. Има право оваа спортска нација да се надева на успех, затоа што во тимот има играчи како Александар Митровиќ кој блеска во Премиер лигата, потоа Душан Влаховиќ и Филип Костиќ од Јувентус, Немања Гудељ од Севиља, Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио, Душан Тадиќ во Ајакс… Страшна офанзивна артилерија! Доказ за квалитетот на Србите е што само еден играч им доаѓа од домашното првенство, тоа е талентираниот Страхиња Ераковиќ од Црвена Звезда. Сите останати на списокот се интернационалци во најквалитетните фудбалски лиги ширум Европа.

Играч со најмногу настапи: Душан Тадиќ (90)

Играч со најмногу голови: Александар Митровиќ (50)

Најстар играч: Душан Тадиќ (33 години)

Најмлад играч: Страхиња Ераковиќ (21 година)

Најскап играч: Душан Влаховиќ (80.000.000 евра)

ШВАЈЦАРИЈА

„Крстоносците“ на Мурат Јакин во сите линии делуваат доста сигурно. Играчите играат во одлична форма, посебно оние во кои се гледа како лидери на оваа швајцарска фудбалска генерација која најавува нова ренесанса на овој фудбалски собир. Но, ќе биде тешко, затоа што за такво нешто ќе мора или да се изненади Бразил, или да се добијат Камерун и Србија. Квалификациите беа според планот за Швајцарците, завршија без пораз и како лидери, сега доаѓа она вистинското. Гранит Џака и Џердан Шаќири пак ќе бидат главни адути на теренот, тука се и дефанзивците Мануел Аканџи (Манчестер Сити) и Фабијан Шер (Њукасл), потоа Денис Закарија (Челзи), Брет Емболо (Монако), Харис Сеферовиќ (Галатасарај)… Швајцарија настапи на сите Светски првенства од 2006 година во низа, а на само едно од нив не ја мина групата.

Играч со најмногу настапи: Џердан Шаќири (108)

Играч со најмногу голови: Џердан Шаќири (26)

Најстар играч: Јан Зомер (33 години)

Најмлад играч: Ноа Окафор (22 години)

Најскап играч: Мануел Аканџи (30.000.000 евра)

КАМЕРУН

Рекордер по број на учества на Светските првенства од Африка, но без некој значаен успех. Камерун и во оваа група ја има улогата на четврти тим и тешко дека може да се надева на некој позначаен резултат во Катар. Во последните 40 години, Камерунците не играа само на три Мундијали (1986, 2006 и 2018), а најголем успех им е на СП 1990 во Италија каде дојдоа до четвртфиналето. Во последниот настап, на СП 2014 во Бразил, Камерун доживеа три порази на три меча во групата и заврши последен во рангирањето. Сакаат Винсент Абубакар, Карл-Тото Екамби и Ерик-Максим Чупо Мотинг како најголеми ѕвезди да го поправат впечатокот, факт е дека триото игра во врвна форма, меѓутоа тешко е да се надеваш кога против себе имаш еден јужноамерикански гигант и две европски големи фудбалски имиња.

Играч со најмногу настапи: Винсент Абубакар (88)

Играч со најмногу голови: Винсент Абубакар (33)

Најстар играч: Ерик-Максим Чупо Мотинг (33 години)

Најмлад играч: Симон Нгапандоетнбу (19 години)

Најскап играч: Франк Ангиса (38.000.000 евра)

 

извор: gol.mk