петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел

Актуелниот македонски шампион Вардар денес во Скопје ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната за кои тренерот Чедомир Јаневски очекува да поминат со висок интензитет.
Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел

– Во првите денови од подготовките ќе ги направиме потребните физички тестови на играчите, и тоа ќе почне од утре. Тука сме до вторник, кога заминуваме во Анталија каде што ќе го одработиме оној главен дел од подготовките и ќе играме пријателски натпревари. Нашата цел е и во оваа 2018 година повторно да освоиме трофеј. За да го направиме тоа треба многу добро да се подготвиме, затоа што пролетниот дел го почнуваме со негатива од осум бодови, меѓутоа пред нас се уште 18 натпревари. Затоа е важно подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната, изјави Јаневски.

„Црвено-црните“ ќе работат во Скопје до 16 јануари, а потоа заминуваат во Анталија (Турција), каде ќе останат до 7 февруари и ќе одиграат шест контролни натпревари.

Јаневски во изјава за клупскиот сајт се осврна и на засилувањата.

– Добивме нови, млади играчи. Приликите се такви, и мора во иднина младите таленти низ цела Македонија да доаѓаат во Вардар. Сигурно дека покрај нивната младост, тие се и искусни играчи затоа што имаат по 50 прволигашки настапи во изминатите 2-3 години, што е бројка за почит, и јас очекувам со нивната работа да се наметнат и да бидат идни стандардни првотимци на Вардар, вели тренерот на Вардар.