петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Карим Бензема се враќа во француската репрезентација?

Карим Бензема се враќа во француската репрезентација?

Францускиот репрезентативец Карим Бензема би можел да се приклучи на тимот во нокаут фазата на Светското првенство во Катар, откако заздрави од повредата, пренесуваат шпанските медиуми. Новинарот Карлос Родригез објави дека Бензема ќе биде на тренингот на Реал в четврток, додека мадридскиот тим се подготвува за продолжението на сезоната.

Француската фудбалска федерација (ФФФ) на 19 ноември објави дека Бензема ќе го пропушти Светското првенство поради повреда на квадрицепсот на левата бутина. Во соопштението тогаш беше наведено дека играчот на Реал ќе мора да паузира три недели. Селекторот Дидие Дешамп реши да одведе 25 играчи во Катар, бидејќи не повика замена за Бензема и со тоа остави можност играчот на Реал да им се приклучи на „триколорите“ на Мундијалот.

Шпанските медиуми пренесуваат дека фудбалерите на Реал кои не играат на Светското првенство во четврток ги започнуваат подготовките за продолжението на сезоната, а меѓу нив би требало да биде и Бензема. Челниците на Француската фудбалска федерација не сакаа да ја коментираат оваа информација. Сепак, потврдија дека е постигнат договор напаѓачот да се врати на тренинзите во клубот. „Триколорите“ веќе обезбедија пласман во осминафиналето на Мундијалот, бидејќи се на првото место на табелата од групата Д со две победи против Австралија (4-1) и Данска (2-1). Последниот натпревар во групата Франција ќе го одигра в среда против Тунис.