Една од главните теми во светските медиуми последните денови е дали Карим Бензема би го облекол францускиот дрес ако неговата репрезентација се пласира во финалето од Мундијалот.
„Триколорите“ ја остварија првата цел, дојдоа до мечот за титулата, а Бензема има право да игра затоа што фигурира на списокот на селекторот Дидие Дешамп. Нему синоќа, на прес-конференција по мечот со Мароко му беше поставено прашање дали смета на Бензема во финалето, а одговорот изненади многумина. Всушност, немаше одговор.
„Дали постои можност Бензема да заигра в недела? Не сакам ни да одговорам на тоа прашање. Следното“, рече Дешамп и веројатно со тоа стави точка на оваа дилема.
Претстојното финале ќе биде трето за Франција на последните четири големи натпреварувања и сите се изборени без Бензема во составот. Напаѓачот на Реал играше само на Европското првенство лани и тогаш „триколорите“ беа елиминирани во осминафиналето, од Швајцарија.