петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

„Магичната“ црвена лента има голема заслуга за светската титула на Аргентина!?

„Магичната“ црвена лента има голема заслуга за светската титула на Аргентина!?

По повеќе од три и пол децении чекање, Аргентина конечно се израдува на светската фудбалска титула откако Лионел Меси и другарите во Катар го кренаа највредниот трофеј. Меси како вистински капитен беше предводник на Гаучосите, но секако немаше тој сам да успее да не блеснеа и останатите репрезентативци.

До титулата, Аргентина стигна и со многу среќа откако двапати победуваше на пенали. Најпрво во четвртфиналето во пенал-рулетот ја исфрлија Холандија, а потоа и во најдраматичното финале во историјата на Мундијалите, на пенали беа подобри од Франција.

Аргентинските медиуми откриваат една неверојатна приказна за една црвена „магична“ лента која е забележана кај Лионел Меси, а потоа и кај уште неколку други аргентински фудбалери. Што е приказната со таа црвена лента?

На Мундијалот во Русија, во првиот меч од групата Аргентина неочекувано ремизира 1:1 против Исланд, а Меси промаши пенал. По мечот, еден аргентински новинар му пријде и му рече: „Мојата мајка тебе те сака повеќе од што ме сака мене. Она секогаш носи црвена лента за среќа. Ако сакаш да ти дадам, имам една таква црвена лента за тебе“, му рече новинарот на Меси, а Лео со задоволство ја прифати „магичната“ лента.

На следниот дуел, Меси даде гол против Нигерија, а Аргентина ја помина групата, а истиот новинар потоа го прашал дали ја чува црвената лента. Меси без многу коментирање, само го тргна чорапот и покажа дека црвената лента му е врзана на зглобот од ногата.

Од тој момент Меси ја прифати црвената „магична“ лента како амајлија, а кога имало потреба, знае и да ја позајми на некој од соиграчите, па за време на Мундијалот во Катар беа забележани Лаутаро Мартинез и Родриго де Пол со црвената лента на своите раце.

Во финалето на СП, кога требаше да се изведуваат пеналите, црвена лента на својата рака имаше и голманот Емилијано Мартинес, кој беше херојот во „пенал-рулетот“. Според многумина, таа црвена „магична“ лента дадена пред четири години од еден новинар има значајна улога во освојување на титулата на Аргентина.