Македонската фудбалска репрезентација на 13 октомври на Националната арена „Филип Втори“ е домаќин на Лихтенштајн, а три дена подоцна гостува во Ереван против Ерменија во третата и четвртата рунда од Лигата на нации.
Македонија со две победи на воведните два натпревари го отвори новото натпреварување на УЕФА, преку кое ќе се обиде за прв пат во својата историја да обезбеди пласман на Европско првенство.
– На 13 октомври се навршуваат 25 години од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија, пријателскиот меч со Словенија (4:1) во Крањ. По тој повод ФФМ на мечот со Лихтенштајн ќе ги покани сите фудбалери што настапија на тој меч, предводени од Дарко Панчев, како и стручниот штаб, на чело со селекторот Андон Дончевски, кој допатува од Австралија. Тие пред натпреварот треба да продефилираат пред публиката на арената „Филип Втори“ и ќе добијат пригодни подароци во знак на сеќавање на историскиот натпревар, објави ФФМ на официјалната веб страница.
Билетите за натпреварот се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „MKTickets“ по цена од 100 денари за Јужна трибина и 150 денари за Северната трибина.