Македонската фудбалска репрезентација има цел двегодишниот извонреден период со историските успеси да го надгради со нов чекор напред во Лигата на нации и да го освои првото место за пласман во Б-дивизијата, па вечерва против директниот конкурент Грузија (20.45 часот) на Националната Арена во Скопје ја има шансата на половина пат да го преземе лидерското место.
Грузија, која ни е во најубави спомени од ноември 2020 година кога во Тбилиси го заверивме историското учество на Еуро 2020, доаѓа залетана и полна со самодоверба и мотиви, да ни се реваншира за најболниот пораз во нивната историја, па на четата на Благоја Милевски вечерва да им ги скрати крилјата и уште еднаш да покаже дека во моментов црвено-жолтите се подобра селекција.
Пресметката во Скопје за Македонија е шанса да се освои првото место, но истовремено е и меч кој не смее никако да се загуби. Најцрното сценарио ќе значи дека скоро да ќе го испуштиме возот за првата позиција, која освен Б-дивизија, носи бараж за Еуро 2024, а најверојатно и трет барабан за евроквалификациите догодина.
„Не се оптоваруваме многу со важноста на мечот, се подготвуваме како и за секој меч, најважно е да се даде максимум. Грузија е одлична селекција, но на треен ќе се прашува Македонија за конечниот резултат. Ќе се потрудиме да бидеме подобри во однос на претходните два меча, но овој период е таков каков што е, не може да бараме форма од фудбалерите кои не се во натпреварувачки ритам“, вели Милевски.
Грузија со шест бода, два повеќе од Македонија по две кола досега во Лигата на нации, може сериозно да ни избега ако нѐ победи вечерва, зашто во групата со преслабата Бугарија и аутсајдерот Гибралтар, тешко потоа е за очекување дека една од овие два селекции би „ни помогнале“ за првата позиција со наша обврска потоа повторно да го освоиме Тбилиси во септември.
Македонија во првите два меча не блескаше, иако Бугарија во дербито на стартот тотално ја надигра, но затаи реализацијата, иако Грузијците ни покажаа дека источниот сосед е толку ранлиц што мораше да го наполниме пред една недела во Разград. Сега, од Елмас, Барди, Трајковски, Алиоски и останатите се очекува најдобриот меч во овој најтежок период за играње, после завршување на сезоната и во ептен набиен разпоред со меч(еви) на секои три дена.
Желба, мотивација и одлучност за победа нема сомнение дека ќе има, но за да се победи доста напреднатата Грузија под палката на Вили Сањол, ќе мора да се одигра на највисоко ниво на теренот, а тоа ќе значи и повеќе од сто отсто на вечерашниот дуел.