Македонската фудбалска репрезентација до 21 година со оптимизам го очекува претстојниот контролен натпревар против Словенија на гостински терен, а подготовките се одвиваат во одлична атмосфера.
– Не очекува тежок натпревар против силен противник. Очекуваме да одиграме добар меч, идеме во Словенија по победа. Подготовките се во тек, во одлично расположение го очекуваме овој дуел. Атмосферата во екипата е на едно високо ниво, ги слушаме советите од нашиот селектор. Очекувам од мене и моите соиграчи да дадеме максимум на тренинзите и натпреварот со Словенија, и добро да се подготвиме за предизвиците што не очекуваат во иднина“, изјави репрезентативецот Филип Антовски за официјалниот сајт на ФФМ.
Во победа на гостувањето во Словенија верува и неговиот репрезентативен колега Агон Елези.
-Веруваме во нашите квалитети, имаме одлична комуникација со нашиот селектор, подготовките течат во најдобар ред. Словенија е одлична репрезентација, но нашата цел е да одиграме добар натпревар и да оствариме победа. Ги слушаме советите на нашиот селектор, функционираме како една целина и се надевам дека тоа ќе го покажеме и на мечот со Словенија.“, посочи Елези, кој е дел од екипата на Вараждин.