Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска во Скопје ги почна подготовките за претстојниот натпревар против Молдавија на гостински терен во рамки на третото коло во групата Ц во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Еден од клучните играчи во македонската репрезентација и фудбалер на Шкендија, Методи Максимов, истакна дека „црвено – жолтите“ на 17 овој месец во Кишињев ги очекува „тежок натпревар против незгоден противник“.
„Не очекува еден исклучително тежок натпревар на гости против незгодната репрезентација на Молдавија. Имаме доволно време да се подготвиме за овој меч и добро да ја анализираме играта на противникот. Молдавија ќе игра на домашен терен и сигурно ќе биде многу мотивирана да се покаже во што подобро светло пред своите навивачи, но ние имаме свои математики и цели и сигурно дека ќе се стремиме да одиграме најдобро што можеме и да обезбедиме позитивен резултат“, изјави Максимов за сајтот на ФФМ.
Избраниците на селекторот Драган Канатларовски по воведните две кола се третопласирани во групата со три бодови.
-Одигравме два одлични натпревари против Шведска и Холандија, во кои забележавме една победа и еден пораз. Навистина жалиме за мечот против Холандија, дуел во кој имаме многу можности за гол неискористени. Ќе ги искористиме тренинзите да работиме напорно, се со цел да ја подобриме реализацијата на следните натпревари. Владее одлична атмосфера и позитивна енергија во репрезентацијата. Сплотени сме и поседуваме голем квалитет. Тоа го покажавме и на претходните натпревари и се надевам дека ќе продолжиме да играме на високо ниво и на следните мечеви, посочи Максимов.