Рома е една од неколкуте екипи која заработи казна од УЕФА поради прекршување на финансискиот фер-плеј (ФФП), односно трошење на повеќе пари од тоа што може да си дозволи според заработеното.
Покрај Рома, меѓу казнетите екипи се и ПСЖ, Интер, Јувентус, Милан, Бешикташ, Олимпик Марсеј и Монако. Меѓу казнетите ги нема Барселона и Манчестер сити што значи дека овие два клуба кои беа многу активни во овој преоден рок, според финансискиот фер-плеј ја запазиле границата на потрошени средства.
Тренерот на Рома, Жозе Мурињо беше изненаден од тоа како се даваат казните поради прекршување на финансискиот фер-плеј. Римската волчица ќе мора да плати пет милиони евра казна, а рекордер според казната е ПСЖ со 10 милиони евра.
„Ова е механизам кој ги казнува виртуозите, а ги наградува оние кои имаат супермоќ. ФФП ги заштитува моќните, а ги казнува оние кои сакаат да станат големи. Навистина треба да се промени името на оваа институција во која нема ништо фер. Не е фер некој да потроши 300 милиони евра, а некој не може да потроши ни 30 милиони евра. Ние добивме казна и сега ни е уште потешко“, реагираше Мурињо.