Новата сезона во Серија А почнува овој викенд, меѓутоа нема да бидат одиграни сите десет натпревари од првото коло.
Поради рушењето на мостот во Џенова и големиот број настрадани, официјално одложени се двата натпревари кои требаше да ги играат тимовите од овој град, Фиорентина- Сампдорија и Џенова- Милан.
Овие натпревари требаше да се играат во недела од 20:30 часот, а термините за овие мечеви ќе бидат дополнително одредени.
Постои можност да се одложи и натпреварот Киево- Јувентус затоа што во сабота е национален ден на жалост во Италија.
-Сампдорија, Фиорентина, Милан и Џенова нема да играат. Ни се придружи и Јувентус. Навистина немам храброст да се радувам во ваков момент, не можам ниту да помислам да ги пратам своите играчи на терен, кажа претседателот на Сампдорија, Масимо Фереро.
-Разговарав со Марота и ми потврди дека намерата на Јувентус е да не излезе на терен, но конечниот збор ќе го имаат од Лега Калчо и претседателот Мичиче, додава Фереро.
Мечот Киево- Јувентус е на програмата во сабота во 18 часот и тој дуел би требало да ја отвори новата сезона во Калчото.
Во солидарност кон клубовите од Џенова, Фиорентина официјално побара сите натпревари од првото коло да бидат одложени.