Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини е уверен дека националниот тим вечерва против Италија во Палермо ќе даде максимум за да го исполни историскиот сон и да обезбеди пласман на Мундијалот 2022 во Катар.
– Оваа репрезентација и овие момци ги краси карактер и заедништво. Тие веќе покажаа дека се спремни за големи работи. Македонските играчи веруваат во себе и знам дека ќе дадат сè од себе за да го исполнат сонот за пласман на Светско првенство, истакна Сејдини во видеообраќање пред вечерашниот полуфинален мундијалски бараж против актуелниот европски првак.
Дуелот започнува во 20:45 часот на стадионот „Ренцо Барбера“, чиј капацитет од 36.000 седишта е распродаден, а „црвено – жолтите“ ќе имаат поддршка од трибините од околу 2.000 навивачи.
Првиот човек на ФФМ во обраќањето упати посебна благодарност до нив.
– Благодарност до сите навивачи, кои дојдоа да ја бодрат репрезентацијата, уживајте, порача Сејдини.