Фудбалската репрезентација на Сенегал се пласираше во осминафиналето, откако заслужено го совлада Еквадор со 1-2 (0-1) во последното коло на Светското првенство. Пресметката на „Калифа“ во Доха понуди три погодоци, драма и добри шанси, а славеше подобрата селекција на теренот.
Уштет од самиот старт Еквадорците во натпреварот влегоа само со дефанзивни претензии. Иако немаа пораз на последните девет натпревари, избраниците на Алфаро едноставно влегоа да бранат ремии против африканскиот ривал, а тоа им се одби од глава. Првото полувреме мина во знакот на Сенегалците кои диктираа темпо, повеќе играа со топката и се закануваа. Најдобрите можности не ги користеа Идриса Геј и Булаје Диа во раната фаза, за потоа во финишот на полувремето Сенегал да добие пенал. Хинкапи влезе прегрубо и фаулираше, одговорноста ја презеде Исмаила Сар над кого и беше направен пеналот, па погоди за 0-1 во 44. минута.
Веднаш на паузата Еквадор тргна со две измени, во игра влегоа Сармиенто и Груецо, а во следните 20 минути влезе и Реаско. Откако влегоа во продолжението поактивно, фудбалерите од Јужна Америка успеаја да дојдат до израмнувачки погодок. Течеше 68. минута кога Торес уфрли топка во шеснаесетникот, а таму Моизес Каиседо го матира Едуард Менди за 1-1.
Сепак, еквадорската радост траеше само две минути, поточно до голот кој го даде Калиду Кулибали. Стоперот на Челзи одлично сочека топка на втората статива каде што беше осамен и ја смести во мрежата за 1-2. Еквадор тргна да притиска во финишот, кружеше околу шеснаесетникот на Сенегалците, меѓутоа немаше услови да се загрози голот на Менди. Африканците издржаа и на крајот се радуваа на второто место кое ги води во осминафиналето.
Прва нокаут пречка за Холанѓаните од првото и Сенегалците од второто место ќе бидат селекциите од групата Б, односно Англија, Иран, САД или Велс.