Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис повторно успеа да ја шокира фудбалската јавност во Италија. На денот кога се расправаше дали треба а се одложи или не првото коло од Серија А, поради трагедијата во Џенова и во финишот на преодниот, тој изнесе свои сомнежи за сопствениците на Рома.
Де Лаурентис алудира дека сопственици на Рома и Ливерпул се исти луѓе, со сите импликации, кои доколку ова е вистина би ги довеле двата клуба во доста незавидна ситуација. Тој даде изјава со која повторно крена прашина во фудбалскиот свет.
-Рома неколку пати е монтирана и демонтирана. Не знам колку тие промени се здрави за „еден“ тим. На пример, Алисон не би го продал ниту за 100 милиони евра. За него понудив 60 милиони, но Џиларосите не сакаа да ми го продадат. Секогаш сум имал сомнежи околу тоа дека вистински сопственик на Рома е истиот оној кој го поседува Ливерпул, една птичка тоа ми го кажа пред неколку години. Ако е тоа вистина двата клуба не би можеле да учествуваат во Лигата на шампионите, лансираше тешки обвинувања првиот човек на Наполи.
Инаку, Ливерпул имаат добра соработка, посебно последниве две години. Прво лани за 40 милиони евра од Рим во Ливерпул се пресели моментално можеби и најдобриот фудбалер на светот, Мохамед Салах. Додека пак оваа година решението за својот долгогодишен голмански проблем англискиот великан го реши, купувајќи токму од клубот од главниот град на Италија, купувајќи го Алисон за 75 милиони евра, со што тој нешто помалку еден месец беше најскап голман на светот, пред во Челзи да пристигне Кепа Аризбалага од Атлетико Мадрид, за 80 милиони евра.