Македонската фудбалска репрезентација ги дозна ривалите за третата сезона во Лигата на нации, во Ц-дивизијата, па на денешната ждрепка ни падна источниот сосед Бугарија и старите познаници од претходните сезони во ова натпреварување, Грузија и Гибралтар.
Низ историјата, најмногу мечеви имаме со Бугарите, меч кој ќе биде посебно внимание во регионов и поради затегнатите политички односи со источниот сосед поради блокадата за пристапните преговори со Европската унија. Во историјата во Бугарија имаме седум меча и сите се пријателски, на кои четирипати сме загубиле, двапати сме победиле и еден меч завршил со реми.
Со Бугарија последен пат игравме на 29 март 2016 година кога на Националната Арена „Тодор Проески“ загубивме со 0-2 во меч на кој од сегашната генерација играа Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Адис Јаховиќ и Илија Несторовски. Последна победа против Бугарија е од 14 август 2013 година со 2-0, исто така на скопската Арена, со два гола во завршницата на Агим Ибраими од пенал и Александар Трајковски, а покрај Трајковски од сегашната генерација на тој меч играа уште капитенот Ристовски и Јаховиќ, а Стефан Спировски остана само резерва.
Со Грузија имаме три меча од минатата година, сите во Лигата на нации, две ремија 1-1 (стрелци Ристовски во Тбилиси и Алиоски во Скопје) во групите и епската победа во Тбилиси во финалето во баражот за пласман на Еуро 2020 (стрелец Пандев).
Против Гибралтар имаме две победи без примен гол од првата сезона во Лигата на нации со 2-0 на гости и убедливи 4-0 во Скопје.