Фудбалскиот клуб Палермо, за кој во минатото настапуваа македонските репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски, би можел наскоро да биде продаден на „Сити Фудбал Груп“ (CFG), која, меѓудругото, е сопственик на премиерлигашот Манчестер сити.
Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, објави дека „преговорите за продажба на Палермо на CGF забрзано напредуваат“, додека телевизијата „Скај Италија“, јави оти „трансакцијата би можела да биде комплетирана во следните денови“.
Палермо до 2017 година настапуваше во Серија А, по што банкротираше и беше деградиран во аматерски ранг, а клубот од Сицилија во 2019 година го купи група инвеститори, предводена од актуелниот клупски претседател Дарио Мири.
Палермо сезонава обезбеди пласман во Серија Б, откако во финалниот бараж беше поуспешен од Падова.