вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Судбината на Трајковски: Пред три години го одјави Палермо, синоќа Италија, на истото место

Судбината на Трајковски: Пред три години го одјави Палермо, синоќа Италија, на истото место

Александар Трајковски ќе остане со големи букви запишан во историјата на македонскиот фудбал, не само поради голот за победа против Италија, туку и поради се што му даде на националниот тим низ кариерата.

Иако често во сенка на Пандев, Несторовски, Тричковски и други напаѓачи, популарниот Алекс секогаш беше на располагање за репрезентација и постигна неколку исклучително важни голови. Синоќа се поклопија коцките, на стадионот каде помина дел од играчката кариера, Трајковски се потсети на деновите поминати во Фудбалскиот клуб Палермо кој повеќе не постои, а неодамна почина и неговиот долгогодишен претседател Маурицио Ѕампарини.

Пред да се случи дисквалификацијата на клубот од административни причини, Палермо играше во Серија Б, а ударниот тандем го сочинуваа Трајковски и Несторовски. На последниот натпревар, одигран на 11 мај 2019 година, на стадионот Ренцо Барбера, Палермо ремизираше со Читадела (2-2), а двата гола ги постигнаа македонските репрезентативци.

Последниот во историјата на клубот беше дело на Трајковски, на асистенција на Несторовски. Речиси три години подоцна, Алекс ја одјави и Италија која го пропушта и вториот Мундијал по ред.