Предлогот за спогодба на Јувентус со обвинителството за обвинението за неправилности при исплаќање на плати на фудбалерите е прифатена од Националниот федерален суд и клубот ќе помине само со голема парична казна.
Откако беше казнет од федерацијата со 10 одземени бодови поради обвинението за вештачко зголемување на вредноста на дел од своите фудбалери при трансферите, Јувентус денеска се соочуваше со уште една слична казна, но обвинителството и судот ја прифатиле спогодбата.
Тоа значи дека на Јувентус нема да му бидат одземени бодови, а првичната информација е дека ќе мора да плати 718.000 евра како дел од оваа спогодба.
Потенцирано е и дека клубот не смее да поднесува било какви жалби за одлуката, која е дефинитивна. За разлика од клубот, поранешниот претседател Андреа Ањели не сакал спогодба и ќе мора да се појави пред судот на 15. јуни и за него ќе се води класичен процес по кој веројатно ќе заработи одредена суспензија.
Со ваквиот епилог, Јувентус ќе остане на актуелната позиција на табелата и веќе не се соочува со казна во пресрет на новата сезона. Сепак останува можноста УЕФА да го казни клубот и да му забрани учество во европските купови следната сезона.