За прв пат во својата историја, Премиер лигата ќе го тестира системот за видеоарбитража (ВАР) во неколку дуели одеднаш. Ова ќе се случи во сабота, кога 5 натпревари од 5-тиот круг на англиското првенство ќе започнат во 16 часот по македонско време.
Досега на Островот, ВАР беше тестиран само во рамките на одделни натпревари. ФА инсистира да види точно како системот ќе работи кога станува збор за справување со спорните ситуации во неколку битки во исто време.
Како што веќе е познато, централата на ВАР се наоѓа во Стокли парк, близу до аеродромот Хитроу во Лондон. Важно е да се напомене дека во никој случај нема да има каква било комуникација од неа до судиите на натпреварите што треба да се разгледаат. Премиер лигата сака да провери, во реално време и врз основа на моменталните ситуации, како ќе изгледа организацискиот механизам. Тестирањето на ВАР е ограничено на голови, ситуации за пенали и директни црвени картони.
Во април, клубовите во Премиер Лигата гласаа против воведувањето на системот за тековната сезона 2018/2019. Како и во претходната кампања, иновацијата ќе се користи во Лига Купот и ФА Купот, но само на елитни стадиони.
Минатата сезона ВАР се користеше во вкупно 19 натпревари, а се очекува во актуелнава да се користи на околу 60.