Фудбалерите на Вардар ја запишаа првата победа по кам-бекот во ПМФЛ, откако ја совладаа Македонија Ѓорче Петров со 2-1 (2-0). Пресметката во одлична атмосфера на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари во целост му припадна на тимот кој имаше улога на домаќин. Вардарци дојдоа до двојна предност во првиот дел, за потоа рутински да ја одбранат.
Уште од првата минута „црвено-црните“ покажаа поголема решителност и на стартот имаа полушанса која голманот Стевковски ја скроти. Добрата игра го доведе најтрофејниот македонски колектив до нова шанса и удар откосо на Педрињо кој доведе до корнер. Токму од тој удар од аголот, вардарци добија пенал.
За волја на вистината поради пиротехничкото шоу на „Комити“, камерите не го уловија најдобро моментот пред досудената најстрога казна, но немаше многу протести од гостинските играчи. Сигурен од 11 метри за вардарова предност беше капитенот Дарко Мицевски, кој во 25. минута погоди за 1-0. Одличната партија на лидерот на овој тим на Вардар резултира и со одлична акција за втор гол. Мицевски проби низ левата страна на шеснаесетникот, а откако дојде практично до мртов агол, ја одложи топката до Азер Омерагиќ кој го матира Стевковски за 2-0.
По постигнатите погодоци, момците на Александар Васоски заиграа многу полесно и релаксирано. Со сигурна игра на средината од теренот го држеа ривалот далеку од својот гол, не дозволувајќи вистински закани кон Филип Гачевски. „Лавовите“ пак, иако се наметнаа и имаа иницијатива, а тоа резултира со почесен погодок во 93. минута од пресметката. Корнер од левата страна изведе Ѓорѓи Стоилов, па со глава стрела младиот резервист Никола Величковски (2-1).