Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, на прес-конференцијата пред гостувањето кај Лестер во натпревар од 31-то коло од Премиер лигата, кој е на програмата утре од 20:45 часот, изјави дека многу клубови се заинтересирани за него.
Запрашан дали добил понуда за работа, Венгер одговори: „Да! Повеќе отколку што очекував. Но, јас се уште не ги земам предвид. Сакам до последниот ден да бидам посветен на Арсенал. Се разбира дека ќе бидам активен, мојот мозок има потреба од тоа. Имам многу искуство. Ќе видиме … Не сум разгледувал опција да тренирам друг англиски клуб“.
Венгер ги отфрли тврдењата дека Месут Озил сам одбира на кои натпреаври ќе игра, посочувајќи дека германскиот репрезентативец е повреден.
– Озил можеби ќе игра против Хадерсфилд. Тој вчера беше на прегледи, но сé уште има проблем со грбот. Затоа имаше проблеми и во Мадрид. Фудбалерите не ги избираат сами натпреварите. Понекогаш тоа изгледа така, но не е, изјави тренерот.
Како што се приближува крајот на сезоната, во медиумите излегуваат имињата на потенцијалните наследници на францускиот стратег па тој даде свое видување за нив.
– Сите се добри професионалци. Како фан на Арсенал јас ќе го поддржам секој, кој ќе се најде на оваа позиција. Јас не би коментирал јавно. Кој сака мој совет, ќе го добие приватно. Тимот нема потреба од многу подобрувања. Момците имаат потенцијал. Постои добра основа. Може да пристигнат две или три засилувања и тимот ќе се бори за титулата, смета Венгер.