Марко Верати заедно со Берарди беше еден од двајцата најдобри играчи на италијанската фудбласка репрезентација, а иако ѕвездата на ПСЖ ги доби речиси сите дуели на средината на теренот, на крајот го заврши мечот со наведната глава откако храбрите „рисови“ направија сензација и нова фудбалска историја.
Македонија со фантастичниот гол на Александар Трајковски приреди студен туш на „Ренцо Барбера“ и ги шокираше италијанските фудбалски фанови, но и ѕвездите кои влегоа во ова бараж полуфинале како актуелни европски шампиони.
Трајковски биеше недобранливо и неговиот гол донесе вистинска фудбалска сензација, по која на Италијанците ќе им биде потребно подолго време да се опорават и одново да застанат на нозе. За „аѕурите“, претстојното Светско првенство во Катар ќе биде второ во низа на кое нема да настапат, што е сериозен удар за генерацијата која пред само неколку месеци доживеа ѕвездени моменти во Лондон.
– Тешко е да се прифати еден ваков пораз. Сметам дека доминиравме цел меч и требаше да победиме, мораше да победиме. Моравме да постигнеме ран гол и побрзо да го затвориме мечот. Бевме супериорни и моравме да бидеме многу подобри.
– Ова е фудбал, а во фудбалот клучно е да бидете клинички прецизни и безмилосни. Овие две работи не ги остваривме и тешко е да се објасни. За нас ова е вистински кошмар. Кога ќе го погледнете целокупниот состав, сметам дека имаме тим да се бори за титулата на Светско првенство, но наместо тоа, ние сега зборуваме за катастрофа. Тешко е да се прифати, од херои, сега станавме нула. Доживеавме специјални момен ти заедно и останувам горд на моите соиграчи. Ова е фудбал и мора да постигнете голови за да победиме, ние не успеавме во тоа. Мора да си поставиме прашања и да одговориме на нив. Немавме среќа, но во фудбалот треба и да се изборите за среќа, – порачува Верати.