Елиф Елмас за првпат во новата сезона во најсилното италијанско првенство беше стартер во редовите на Наполи, тренерот Лучано Спалети му даде шанса од првата минута против Лече.
По нереализираниот пенал на гостите во 25 минута, кога непрецизен беше Коломбо, казната стигна 120 секунди подоцна.
Политано правовремено во казнетиот простор на Лече го пронајде македонскиот репрезентативец Елмас кој од непосредна близина ја затресе мрежата на Фалконе.
Тоа е првиот гол за нашиот фудбалски „дијамант“ сезонава во шампионатот, а вкупно седми во Серија А откако е во дресот на „наполитанците“.
На стадионот „Диего Армандо Марадона“ во Неапол резултатот е 1:1, Коломбо после неуспешниот удар од белата точка се поправи за израмнување во 31 минута.