сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ВИДЕО: Мароко ја среди Канада и сензационално како ЛИДЕР е во нокаут-фазата на СП!

ВИДЕО: Мароко ја среди Канада и сензационално како ЛИДЕР е во нокаут-фазата на СП!

Фудбалската селекција на Мароко ја забележа една од најголемите победи во својата историја и по пауза од 1986 година повторно ќе игра во елиминациона фаза на едно Светско првенство. Во последното коло од групата Ф падна репрезентацијата ба Канада со 2-1, за мароканска песна и осминафинале по пауза од 36 години.

Извештај од натпреварот:

Африканската селекција уште во четвртата минута го зададе посакуваниот удар и го отвори резултатот, откако еден од најискусните репрезентативци на Канада, Милан Борјан направи катастрофална грешка надвор од својот казнен простор и му подари чиста ситуација на Зијеч. Асот на Челзи ја искористи „асистенцијата“ на противничкиот голман и со рутински лоб ја погоди целта, за мароканско славје на трибините.

Не поминаа ни дваесет минути за нова капитулација на чуварот на мрежата на Црвена Звезда. Овој пат Борјан немаше шанси по ударот на Јусеф Ен-Несири, кој од полудесно биеше силовито и многу прецизно. Мароканска песна ечеше на трибините, а носени од таа атмосфера момците на Валид Реграги тргнаа во офанзива по трет погодок. Но, наместо тоа следуваше закана на спротивната страта и несреќен автогол на Најеф Агерд, за 1-2, резултат со кој се замина на пауза.

Во вториот дел Канада ја презеде иницијативата на теренот и силно притискаше за израмнување, но мароканската одбрана беше добро стационирана, подвижна и навремено ги решаваше сите закани. Во 72. минута за момент мароканските срца застанаа, откако по еден корнер искусниот Хачисон ја погоди пречката, а на одбиената топка налета Џонстон и од непосредна близина со глава биеше над голот и ја пропушти најголемата шанса за историски бод на Канада на Мундијалите.

Со вечерашните три бода, но и со ремито без голови на Хрватска и Белгија, Мароко сензационално како лидер патува во осминафиналето, додека покрај Канада својот настап во Катар го заврши и Белгија.