Фудбалерот на хрватскиот второлигаш Цибалија, Роберт Периќ-Комшиќ, веќе со недели е во центарот на спортското внимание. Овој, 23-годишен фудбалер, без многу да размислува, реши да ја стави на пауза својата професионална кариера за да го спаси животот на својата мајка.
Напаѓачот на Цибалија, донираше 70% од црниот дроб на жената која му подари живот. Неговата мајка претходно имала три неуспешни трансплантации и не ѝ останувало уште многу време за живеење. Откако другите нејзини опции се покажале како ризични, тој одлучил да отпатува во Турција и да биде нејзин донор.
Само четири месеци откако беше направена операцијата во Истанбул, Роберт се врати на зелениот терен.
„Во оваа приказна, мајка ми е поголем херој од мене. Да не му го даде Бог на никого она што таа го преживеа во изминатите 13 години. Имаше три неуспешни трансплантации на црн дроб од починат донор… Ризикот беше огромен, а времето на мајка ми истекуваше. Беше во животна опасност, стомакот ѝ се полнеше со вода и беше прашање на денови… Во моментот кога дознав дека сите други опции се исцрпени, се спакував и одлетав за Истанбул“, изјави Роберт.
Играчот на хрватскиот второлигаш додаде дека не сака да биде нарекуван херој затоа што тоа би го направил секој кој што живеел во функционално семејство.
„Мама мора да прима терапија, но тоа не е за неа никаква новост, затоа што со години е под лекови. Мене сите резултати ми се уредни, црниот дроб два месеци по операцијата беше целосно регенериран. Бегам од некакви приказни за херојство, го направив она што би го направи секој кој растел во функционално семејство. Мене мајка ми ми даде живот, а јас ѝ го продолжив нејзиниот“, додаде Роберт.