На Светското првенство љубителите на фидбалот можат да уживаат во потезите на најдобрите светски фудбалери. Но, за почитта кон нивната работа и восхитот заслужна е пожртвуваноста која тие ја имаат.
Лука Модриќ, Лионел Меси и Кристијано Роналдо сè уште можат да играат на високо професионално ниво во триесеттите години, благодарение на специјалните режими на тренирање и исхраната.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, во 2014 година драстично го промени начинот на исхрана затоа што решил дека на 27 години неговата исхрана повеќе не може да биде иста како кога имал 18. Дотогаш си дозволувал почесто да јаде пица и други видови на нездрава храна, како и газирани пијалоци, но бидејќи за неговата исхрана бил задолжен италијанскиот нутриционист Џулијано Позер, таа значително се променила.
Основните 5 намирници на кои се базира неговата исхрана се вода, маслиново масло, свежо овошје и зеленчук и житарки во цели зрна. Освен тоа, го намалил внесот на шеќер и производи од рафинирано брашно, како и една од најчесто консумираните намирници во Јужна Америка – месото.
Уште еден врвен фудбалер изненади многумина со своите прехранбени навики. Станува збор за Ерлинг Халанд, младиот напаѓач на Манчестер Сити кого Јирген Клоп неодамна го прогласи за најдобар напаѓач на светот.
Халанд внесува околу 6.000 калории дневно во оброци полни со зеленчук и месо, но не било кое месо. Тој откри дека често консумира кравји црн дроб и срце. Халанд откри дека избегнува алкохол и претпочита филтрирана вода.
Кристијано Роналдо, кој исто така се смета за најдобар играч на сите времиња, јаде оброци богати со протеини со цели зрна и зеленчук и избегнува благо. Познато е дека пие многу вода, а не газирани пијалоци. Сепак интересен е неговиот режим на спиење.
Препорачаните 8 часа сон не се навика која Роналдо ја негува. Откако работеше со Ник Литлхејлс, експерт за спиење, тој усвои многу специфичен режим на спиење. Методот на Литлхејлс се базира на пократки дремки неколку пати на ден, па така Роналдо спие 5 пати на ден по 90 минути, во неговата омилена поза – фетална положба. Тој верува дека тоа го одржува телото одморено, но истовремено и активно, што, според Литлхејлс, не е случај кога се спие по 8 часа.
Не се знае многу за тоа како Лука Модриќ спие и јаде, но се знае колку напорно тренира и што користи на тренинзите за да го одржи врвното ниво на својата игра. Влатко Вучетиќ, личниот тренер на Модриќ, но и кондиционен тренер на многу хрватски тимови, неодамна пред медиумите ги откри тајните на неговиот успех.
Секој тренинг на Модриќ се состои од вежби за тонирање, вежби со гума долга 6 метри која служи како превенција и вежби за сите мускулни групи на телото. По потреба Вучетиќ на тоа додава и тренинг за сила, а Модриќ за време на годишниот одмор плива, игра тенис и постојано е во движење. Често тренира и кога има слободен ден, а во клубот пристигнува 30 минути пред тренинг за да работи на превенција.