Францускиот напаѓач Оливие Жиру (36) го продолжи договорот со актуелниот италијански првак Милан, соопшти вечерва клубот од „Сан Сиро“.
„Милан со гордост објавува дека Оливие Жиру го обнови договорот со клубот. Оливие е важна алка во напаѓачката линија на Росонерите, постигнувајќи 27 голови на 76 натпревари“, се наведува во клупското соопштение.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Жиру потпишал договор со важност до јуни 2024 година, вреден 3.5 милиони евра.
„Среќен сум, ова е најдобриот начин да го прославам пласманот во полуфиналето на Лигата на шампиони“, порача Жиру, кој во септември ќе го прослави својот 37 роденден.
Французинот го продолжи договорот ден откако беше еден од најзаслужните играчи на Милан во ремито против Наполи (1-1) со што клубот од Милано ја зачува предноста од првиот натпревар и обезбеди пласман во полуфиналето во Лигата на шампиони.