Екипата на Баерн Минхен го одбрани домашниот терен и со победа над Барселона(59-52) се избори за петти меч, односно „мајсторка“ за борба за Ф4-турнирот во кошаркарската Евролига.
„Баварците“ беа одлични, ја задржаа Барселона на мал број на поени и успеаја да ја совладаат. Каталонскиот тим губеше и со 15 поени разлика (50-35), но тоа успеа да го намали во последниот квартал. Вајлер-Баб беше најдобар кај Баерн со 12 поени и седум скока, пред Хантер со девет поени, додека кај Барселона, Абринес постигна 12 поени, пред Јокубаитис со осум поени. Петтата средба се игра во Барселона.
Петти меч ќе играат и Монако и Олимпијакос откако тимот од кнежевството по драма го доби грчкиот гигант (78-77). Иако губеше со 11 поени (38-49), Монако не се предаде и се врати во средбата. Мечот го реши „двојката“ на Бејкон на 50 секунди пред крајот, а во финишот владееше конфузија и ниту еден од двата тима не погоди во три напади.
Токму Бејкон беше најдобар со 21 поен, пред Џејмс со 18 поени, додека кај Олимпијакос, Слукас заврши со 19 поени. „Мајсторката“ на овој натпревар ќе се игра во Пиреја.
На завршницата во Евролигата која ќе се игра во Белград веќе се пласираа Анадолу Ефес и Реал Мадрид.