вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

КК Пелистер со нов тренер во плеј-офот

КК Пелистер со нов тренер во плеј-офот

Најуспешната екипа во првиот дел на шампионатот, битолски Пелистер се одлучи за радикален потег во пресрет на полуфиналната серија од плеј-офот на шампионатот. Имено, клубот од Битола синоќа го назначи српскиот тренер Небојша Видиќ за тренер на екипата до крајот на сезоната, откако заради здравствени проблеми, Марјан Илиевски веќе два месеци не ја тренира и не ја води екипата на натпреварите (исклучок четвртфиналето на Купот).

Како последица на прележаниот ковид-19, Илиевски заздравува во Скопје и огромен хендикеп е што Пелистер го немаше во клучниот дел на сезоната на клупата. Во негово отсуство тимот го водеа неговите помошници Дејан Илиевски и Дамјан Вељанов, но клубот пресече и доведе нов тренер пред полуфиналната серија против МЗТ Скопје која почнува в среда.

Под водство на Дејан Илиевски, Пелистер запиша четири победи и еден пораз. Сепак, Марјан Илиевски има важечки договор до клубот од Битола и следната сезона ќе го води клубот како што и беше планирано.

Небојша Видиќ изминативе две сезони работеше како помошник во рускиот прволигаш Нижњи Новгород, а претходно освои шампионската титула со бугарскиот клуб Балкан од Ботевград. Игор Кесар и Џордан Калахан веќе работеле со Видиќ во Бугарија и добро го познаваат.