Македонскиот кошаркарски клуб ТФТ го отворија вториот „балон“ во АБА 2 лигата, во Сараево (Босна и Херцеговина), со пораз од актуелниот првак Златибор од Србија (76:90).
Првото полувреме протекна во постојано водство на Златибор, во осмата поведе со 21:13, а со тројката на искусниот Костоски, ТФТ го затвори првиот период со минус од еден поен, (24:25). Израмнето се играше и во најголем дел од втората четвртина.
Дел од играта во кој Златибор одново се одвои на плус од осум поени разлика (40:32), како што беше резултатот во 16 минута од играта. Серија која со тројка ја прекина Бишоп (35:40).
Но „црно-белите“ немаа доволно добри решенија за шутерски расположениот противник кој стигна и до својата седма тројка (од 17 обиди) за ново „бегство“, сега на исто така солидни 43:35 со кои се влезе во последната минута од првото полувреме, кое заврши со истиот резултат.
Слично беше и во второто полувреме, со таа разлика што српската екипа за прв пат на средбата се стекна со двоцифрено водство (53:42), како што беше во 24 минута. Но, новите две тројки на Костоски, го вратија тимот од Тафталиџе кон егал-резултат, за преполување на високата негатива (48:53).
Но, за кратко, не можеа да се одбранат од тројките на Ѓуран (пет од тимските 10), кој ја врати предноста, онаа двоцифрената (54:64) на истекот на третиот период.
Во оној последниот, ТФТ не го направи она што го бараше во претходните три. Таа негатива остана недостижна за тимот на Боро Смилковски, кој го запиша третиот пораз на дебито во ова натпреварување. Костоски реализираше 12 поени (4/5 во шутот за три поени), а Ташовски еден кош помалку.
Нашиот втор претставник во регионалното натпреварување, екипата на Пелистер, својот натпревар од третото коло на турнирот во Сараево ќе го одигра на 23 ноември (среда).
Противник на „пелистерци“ во обид да стигнат до својата трета победа ќе им биде екипата на Широки од БиХ. Овој меч Пелистер-Широки ќе стартува од 15.00 часот