Грчкиот кошаркар Костас Слукас ја разбранува грчката спортска јавност откако по раскинот на договорот со Олимпијакос реши да се пресели во таборот на лутиот ривал Панатинаикос.
Искусниот плејмејкер најпрвин се пожали на „недостиг на почит“ од страна на „црвено-белите“ по конфликтот со тренерот Барцокас, за потоа од бројните понуди на маса да ја избере онаа на „зелените“ од Атина.
Газдите на Панатинаикос најавија создавање на моќен проект со ангажманот на Атаман за тренер, во меѓувреме ги доведоа и Вилдоза и Лесор, но трансферот на Слукас е јасен знак на намера на „зелените“ дека сакаат да ја прекинат доминацијата на Олимпијакос на грчката кошаркарска сцена.
Пресуден се покажа фактот дека ПАО единствен му понуди договор на три сезони на овој 33-годишен кошаркар, и тоа под фантастични услови. Во наредните три години Слукас ќе заработи огромни десет милиони евра од Панатинаикос, со што ветеранот ќе стане и најплатен грчки спортист кој настапува во Европа.