Литванскиот репрезентативец Домантас Сабонис би можел да го пропушти следното Светско првенство. Мундобаскетот ќе се одржи од 25 август до 10 септември, а домаќини ќе бидат Филипините, Индонезија и Јапонија.
На планетарниот собир Литванците ќе играат во групата Д со Црна Гора, Египет и Мексико, а доколку се пласираат во следната фаза потенцијално ќе закажат дуели со селекциите на Соединетите Американски Држави и Грција.
Селекторот Казис Максвитис потврди дека на располагање ќе ги нема четворица играчи и најави дека надвор од тимот може да биде и Домантас Сабонис. Популарниот „Домас“ има повреда на раката уште од НБА плеј-офот (Сакраменто играше против Голден Стејт во првото коло) и е под знак прашалник.