Најсилната македонска репрезентација ќе биде дел од претквалификациите за Олимписките игри во Париз, а на турнирот во Талин ќе ги одмериме силите со селекциите на Естонија, Чешка и Израел.
Нашата селекција ќе има две контролки против силната селекција на Полска, а хендикеп ќе биде тоа што во последен момент отпадна Љубомир Младеновски поради болки во грбот.
– Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави од двата меча, – посакува еден од поискусните играчи во националниот тим, Андреј Магдевски.