Кошаркарите на Пелистер ќе се сретнат со Борац Бања Лука во шестото коло на АБА2 лигата. Во уште еден „балон-систем“ во Златибор, битолчани ќе ја бркаат петтата победа сезонава. Пред натпреварот со босанскиот ривал, своите очекувања ги изнесе Недим Мустафица.
„Нè очекуваат два исклучително тешки натпревари против Борац и Хелиос. За нас во ист момент тоа се важни дуели, бидејќи со победа би направиле важен исчекор во битката за пласман меѓу најдобрите осум. Нашиот прв противник, Борац Бања Лука, е една многу сериозна и млада екипа, полна со елан и брзина. Мора да воведеме свој систем, со долги напади и имаме подготвена тактика. Од поразот со ТФТ излеговме само посилни, нè стигна уморот, меѓутоа продолживме да работиме со исто темпо“, кажа Мустафица.
Пелистерци веќе в среда ќе се судрат со Борац во терминот од 15:00 часот, додека в петок се игра против Хелиос три часа подоцна.