Од утре до недела се игра завршниот турнир во АБА2 лигата, турнир на кој домаќин ќе биде нашиот шампион МЗТ Скопје.
Турнирот се игра во Аеродром во СЦ „Јане Сандански“ каде осумте најдобри екипи од регуларниот дел ќе се обидат да дојдат до билет за влез во елитната конкуренција или во најлош случај да дојдат до бараж за место во АБА лигата.
Свое обраќање на денешната прес конференција имаше и спортскиот директор на АБА2, Милија Војиновиќ.
-Не погрешивме што му ја доделивме организација на МЗТ Скопје Аеродром, кој е еден од нашите најредовни учесници во АБА 1 и АБА 2 лигата. МЗТ беше прв по регуларниот дел. Од утре почнува круната на сезона, ќе се знае кој ќе оди директно во АБА 1, а кој ќе игра бараж. Се одиграа 98 меча во регуларниот дел, а сега се се сведува на овие седум меча, -изјави Војновиќ.
Извршниот директор на „штрковите“, Филип Ѓоревски се надева дека наредните денови ќе бидат вистински празник на кошарката, а и дека МЗТ ќе може да се радува на кам-бек во најдоброто натпреварување на Јадранот.
-Сакам да ги поканам гледачите, во наредните четири дена да биде празник за кошарката. Со малку среќа, се надевам МЗТ Скопје Аеродром ќе биде победник и сите ќе го прославиме враќањето на клубот во елитната АБА лига, изјави Ѓоревски.
Се подготвува спектакл, со танчерки на тајмаутите и на полувремињата, музички нумери, анимирање на публиката и натпреварувања во шутирање по кои ќе се добијат подароци од спонзорите. За в петок е планирана и забава на платото пред „Јане Сандански“ во пресрет на полуфиналниоте средби, што потоа ќе функционира како фан-зона и простор за забава и уживање на сите што ќе дојдат до спортскиот центар во Аеродром.
Билетите се веќе во продажба по цена од 100 денари по меч, односно 300 денари за цел турнир, а може да се купат преку продажните места и интернет-сајтот на МК Тикетс, како и на билетарата пред салата во периодот помеѓу 12 и 19 часот.
ФОТО: Петр Стојановски