МЗТ Скопје Аеродром на домашен терен забележа победа против ТФТ со (93:87), во кој дојдоа до осмата по ред победа во Првата лига и го продолжија притисокот врз Пелистер во трката за првото место.
„Штрковите“ го обезбедија триумфот во второто полувреме, во кое прво во третата четвртина со серија 17:3 дојдоа до убедливи 72:58, за на стартот на последниот период да зголемат и на „плус 18“ (81:63), со што целосно го откажаа противникот од надежта за освојување на бодовите во Аеродром.
Војдан и Дамјан Стојановски одиграа одличен меч со 21 (пет тројки) односно 17 поени, а фантастичен беше и Немања Милошевиќ со „дабл-дабл“ ефект со 18 поени и 15 скока.
На ниво на задачата беше и Кристијан Николов со 16 поени и шест асистенции, додека Роберт Рикиќ дополни со 11 поени и седум скока. На спротивната страна Ландриус Хортон запиша 23 поени, а Џермејн Бишоп имаше 16 поени и пет асистенции.