Тренерот на МЗТ Скопје Драган Николиќ по натпреварот во Подгорица изјави дека е лут прво на себе затоа што во периодот додека е во Скопје не успеал да ги убеди поединци дека опстанокот е возможна мисија, па да даваат се од себе на секој натпревар.
„Гаги Николиќ е голем критичар, но прво тоа е кога сум на сам себе. Лут сум на себе затоа што не можам да ја убедам екипата. Дојдов во Скопје каде убаво се чувствувам и ги имам сите услови за работа. Ама не можам да сфатам како поединци не можам да ги убедам и да им ја дадам мојата верба дека се е можно во спортот. Па, да излеземе од оваа ситуација која не е добра за МЗТ. Сите други работи во МЗТ се добри, оваа ситуација во АБА не е. Несфатливи ми се поединци кои не веруваат ниту во моите зборови, ниту на навивачите, ниту на останатите. И навивачите веруваат дека можеме, луѓето од клубот веруваат дека можеме, секој ден објаснувам дека се може да се направи нешто. Жал ми е што во овие пет кола што сум тука, не победивме. Иако игравме против потенцијалите учесници во плеј-офот, идни учесници во Евролигата и Еврокупот“, изјави Николиќ.