Тренерот Драган Николиќ беше среќен по победата, им честита на сите свои соработници за помошта додека беше позитивен на коронавирусот, но констатира дека судбината на клубот сега е во нечии други раце.
„Најважно е што победивме. Игравме против гигант, тим што го освои Купот на Хрватска. Се навикнав на оваа одлична атмосфера во салата на МЗТ, им благодарам на навивачите што дојдоа и на овој голем празник. Овој триумф го посветувам на мојот покоен татко, кому денеска му е роденден. Исто така, роденден му е и на мојот помошник Васко Атанасов, со кого блиску соработувам и на кого му ја посветувам победата. Сакам со име и презиме да им се заблагодарам и на моите соработници покрај Атанасов, а тоа се Дејан Србиновски, Миодраг Тодоровиќ и Тино Даневски. Тие се светлата иднина на клубот. Знаете дека зависиме од утрешниот меч, но ние сме МЗТ Скопје и се фокусираме само на себе. Не сакам да коментирам било што за мечот во Подгорица,нашиот дел од работата го завршивме, но, за жал, не сме господари на својата судбина“, изјави Николиќ.