Македонските кошаркарски претставници во АБА2-лигата, екипите на Пелистер и ТФТ ги дознаа противниците во новата сезона од ова натпреварување, кое повторно ќе се игра еднокружно со пет турнири чие место на одржување и термини дополнително ќе бидат одредени.
На денешното Собрание на регионалното натпреварување беше решено во второлигашкото друштво да бидат прифатени екипите на Борац Бања Лука, Спарс, Широки (БиХ), Хелиос, Крка, Шенчур (Словенија), Горица, Вриједноснице Осијек (Хрватска), Подгорица, Сутјеска (Црна Гора), Слога Краљево и Златибор (Србија).
Ждрепката сакаше македонските екипи да се сретнат уште во првото коло. За битолчани ова ќе биде втора сезона во АБА2, додека ТФТ ќе биде петтиот македонски тим во ова натпреварување, во кое уште играа МЗТ Скопје, Работнички и Охрид. Пласман во плејофот ќе обезбедат осумте најдобри тимови по 13 одиграни кола.