Македонскиот претставник во АБА2 лигата, битолски Пелистер го доведе и вториот Американец во своите редови. На една седмица до почетокот на подготовките, нов член на битолскиот прволигаш е 198-сантиметри високиот крилен центар Дејвид Хјутон.
Овој 30-годишен Американец, роден во Гриндбург, во близина на Њујорк, во Македонија доаѓа од шампионатот на Австрија, од клубот Халман Виена.
Во својата кариера Хјутон ги носел и дресовите на Трикала и Ритимно Критан Кингс во Грција и Балкан Ботевград во Бугарија, а настапуваше и во шампионатите на Естонија и Финска.
Хјутон претходната сезона бележеше просек од 9,0 поени и 8,1 скокови по натпревар.
Хјутон потпиша договор на две сезони и ќе им се придружи на сонародникот Чиз и Србинот Кесар како странски кошаркари во полуфиналистот во плеј-офот минатата сезона.
Од македонските кошаркари Пелистер ги доведе Ѓуроски, Младеновски, Младеновиќ и Караџовски. Подготовките за новата сезона битолчани ќе ги започнат на 25 август.